Во последното деноноќие во Дебар забележана е поголема бројка на оздравени пациенти од Ковид-19, но регистрирани се и три нови случаи.
– Во последните 24 часа битката со опасниот вирус ја победија 28 лица, што е идентична бројка на оздравени со онаа од први овој месец. Највисока бројка на оздравени имавме на 14 август, кога беа регистрирани рекордни 60 оздравени пациенти. Исто така, Ковид-19 е дијагностициран кај три лица, изјави епидемиологот Ментор Меља.
Со денешните потврдени случаи, вкупната бројка на заразени во општините Дебар и Центар Жупа изнесува 259 од направени повеќе од 1.300 тестови.
– Од вкупната бројка на заразени, во списокот на оздравени впишани се 218. За жал починаа 11 лица, од кои шест се жители на општина Центар Жупа, а пет се од Дебар. Активни моментално се 30 лица, поголем дел се со полесна форма и се лекуваат во домашни услови или амбулантски во Општата болница во Дебар, информира Меља.
Се подобрува и состојбата со хоспитализираните лица во здравствени установи во Скопје. За разлика од минатата недела кога имаше петнаесеттина, сега болнички се лекуваат пет лица.
– Апелирам до сите граѓани и правни субјекти да бидат внимателни и строго да ги почитуваат мерките и протоколите. Треба сите да знаеме дека битката со опасниот вирус се уште не сме ја добиле, а ќе ја добиеме само со целосно почитување на препораките, порачува Меља.
И покрај апелите на надлежните, сепак масовно не се почитува мерката за носење заштитна маска, ниту низ градот, ниту во кафулињата, а во последно време и во трговските објекти. Домашните веселби и понатаму се одржуваат, посебно во селата, од каде се и најголемиот број на новозаразени во последните две недели.