asd
ПочетнаВестиУспех на учениците од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ на „Вики камп...

Успех на учениците од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ на „Вики камп 2026“

Учениците од втора година, Ерика Трпеска и Андреј Симјанов од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Скопје, под менторство на нивната професорка Ирена Трајковска Стерјовска, остварија значаен успех на овогодишниот „Вики камп 2026“.

Кампот се одржа од 11 до 13 септември во Охрид, обединувајќи млади и искусни уредници на Википедија на македонски јазик. На настанот учествуваа над 40 уредници од целата земја, кои во текот на трите дена работеа на темата „Ботаничари со авторски кратенки“.

Со посветена работа и тимска соработка, учесниците создадоа и уредија повеќе од 400 нови статии на Википедија на македонски јазик.

Посебно место меѓу учесниците имаа Ерика и Андреј, кои со својот ангажман се пласираа меѓу првите пет наградени учесници. Вкупно беа доделени шест награди за најуспешните учесници според бројот на новосоздадени содржини.

Покрај практичната работа, учениците учествуваа и на едукативни предавања и работилници на тимот на Викимедија МКД, посветени на „Викиизвор“, дигитализацијата на културното наследство, Wikimedia Commons, слободните лиценци и правилното структурирање и уредување на статии.

„За мене, Вики кампот беше многу повеќе од натпревар. Најважно ми беше учениците да имаат можност да учат, да создаваат, но и да се дружат и да запознаат свои врсници со слични интереси. Посебно ми е драго што нивната работа беше препознаена и наградена со пласман меѓу првите пет. Тоа е убаво признание за нивниот труд, љубопитност и желба да создаваат знаење кое ќе биде достапно за сите“,вели професорката Ирена Трајковска Стерјовска.

Успехот на Ерика Трпеска и Андреј Симјанов е уште едно убаво признание за активностите на учениците од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ и нивниот придонес кон збогатувањето на слободното знаење на македонски јазик.

Честитки за Ерика и Андреј 👏🌐📚

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име:

- Advertisment -spot_img

НАЈПОПУЛАРНИ