asd
ПочетнаВестиМакедонија денеска одбележува 29 години независноста

Македонија денеска одбележува 29 години независноста

Во земјава денеска се одбележуваат 29 години од независноста, односно од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Годинава, поради пандемијата со Ковид-19, прославата ќе се одржи во посебни услови согласно протоколите на Комисијата за заразни болести за одбележување државни празници, без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание.

Централната прослава ќе биде на отворено во дворот на Владата каде ќе се обрати Зоран Заев.

Претходно, владина делегација предводена од премиерот ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Борис Трајковски и Киро Глигоров. Во состав на владината делегација, според најавите, ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот задолжен за борба со корупција и криминал Љупчо Николовски и министерките за образование и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска.

Цвеќе пред вечните почивалишта на поранешните претседатели Глигоров и Трајковски ќе положи и собраниска делегација составена од пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Велика Стојкова-Серафимовска.

На денот на независноста се доделуваат и традиционалните награди „8 Септември”. Годинава, наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот и афирмација на спортот му се доделува на Љуљзим Вренези, а наградата со која им се оддава признание за спортисти, тенери и спортски работници ќе им биде врачена на Сократ Ефтимовски, Бесник Мурати, Ванчо Јовановски и на Ѓорги Вучков.

Во пресрет на одбележувањето синоќа артилерискиот баталјон на Армијата изврши почесна артилериска стрелба со пет плотуни.

Во изминатите 29 години самостојност, земјата помина низ низа проблеми и потешкотии. Трицифрена инфлација на почетокот на 90-те години, грчко ембарго, косовска бегалска криза, конфликт во 2001 година, потпишување на Рамковен договор и политичка криза која беше надмината со Договорот од Пржино.

Самостојноста на земјата беше потврдена на референдумот во 1991 година, кога над 95 отсто од граѓаните се изјаснија позитивно на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија”.

Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Уставот беше донесе на 17 ноември 1991 година, а државноста прва ја призна Република Бугарија по што следуваа Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…..Монетарно, државата се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992 година, а потоа доби и своја Армија која родеденот го слави на 18 август.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше уставното име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија.

ИЗВОРKurir

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име:

- Advertisment -spot_img

НАЈПОПУЛАРНИ