Oд утре започнува продорот на топол воздух од југ, кој особено за време на викендот ќе услови невообичаено високи температури на воздухот, информира метеорологот Славчо Попоски.
Најтопло ќе биде во недела и во понеделник кога максималните дневни температури на воздухот ќе се искачуваат во интервалот од 25 до 32 степени. Времето ќе биде сончево, повремено со умерена облачност и тоа особено во недела, кога ќе има услови за слаб локален и краткотраен дожд.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Исто така за време на викендот, како и во понеделник Сахарската прашина која ќе биде присутна кај нас ќе услови времето да биде релативно мачно и поспарно.
Да напоменеме дека очекуваните температури за време на овој топол бран ќе бидат повисоки од нормалните дури за 8 до 10 степени.
Условите за врнежи ќе започнат да растат од понеделник па натаму, додека нов пад на температурите на воздухот ќе имаме од вторник.