Меѓу симболиката на празникот и реалноста на родовата нееднаквост
Низ историјата жените често биле исклучувани од политичките, економските и образовните процеси што го обликувале општеството. Нивната улога најчесто била сведена на грижата за домот и семејството, додека одлуките за општеството се носеле без нивниот глас. Сепак, и во такви услови се појавиле жени кои имале храброст да ја променат таа слика – како Олимпија де Гуж, која за време на Француската револуција побарала еднакви права за жените и поради своите политички ставови била погубена на гилотина. Подоцна, Симон де Бовоар ќе потсети дека жената не се раѓа со однапред зададена улога, туку општеството преку воспитувањето и очекувањата ги обликува девојчињата и жените.
Но, зад тие цвеќиња стојат бројки што не мирисаат на пролет.
Секој 8 Март улиците се полни со цвеќиња, честитки и убави зборови. Жените добиваат внимание, насмевки и симболична благодарност. Но зад тие цвеќиња стојат бројки што не мирисаат на пролет. Ако навистина сакаме да го разбереме значењето на 8 Март, треба да ги погледнеме фактите.
Во Македонија жените денес се повеќе образовани од мажите. Околу 60% од студентите на факултетите се жени, а тие доминираат и во вториот и во третиот циклус студии. Но кога ќе излезат на пазарот на труд, приказната се менува.
Жените се вработени значително помалку од мажите, а дел од нив воопшто не се активни на пазарот на труд. И кога работат – често заработуваат помалку. Дури и кај високообразованите, просечната заработка на жените е пониска од онаа на мажите. Тоа значи дека и кога жената инвестира во образование, системот не ѝ возвраќа еднакво.
Но, нееднаквоста не завршува тука.
Жените ја носат грижата – и дома и на работа. Тие доминираат во професиите поврзани со грижа, како работата во градинки или во домовите за стари лица. Во руралните средини многу жени работат како неплатени семејни работнички, без пензиски стаж и без економска сигурност.
А сепак, тие се столбот на семејството и општеството.
Жените живеат подолго од мажите, но тоа често значи дека староста ја дочекуваат сами, со пониски пензии и поголем ризик од сиромаштија.
Во политиката, сликата е мешана. Имаме жена претседателка – историски момент. Но во Владата има само неколку министерки, а на локално ниво жените сè уште се реткост на градоначалничките позиции. Квотите помогнаа во парламентот, но вистинската извршна моќ и понатаму најчесто останува во машки раце.
Осми март не е само празник на достигнувањата. Тој е и потсетник на предизвиците.
Во последните години се бележат над илјада случаи на семејно насилство, а најчести жртви се сопруги и поранешни сопруги. За некои жени, 8 Март не е ден на славење, туку уште еден ден во страв.
Овие бројки не се против мажите. Тие не се натпревар меѓу половите. Тие се огледало на системот.
Вистинската еднаквост не значи жените да бидат „повеќе“ од мажите. Таа значи исти можности, иста економска вредност, иста безбедност и иста моќ на одлучување.
Осми март не треба да биде ден кога ќе ѝ подариме ружа на жената, а утредента ќе заборавиме на платниот јаз, неплатената грижа и невидливата работа.
Осми март треба да биде ден кога ќе си поставиме едно прашање:
Дали сме подготвени да создадеме општество во кое жените нема да мора да бидат двојно подобри за да бидат еднакво платени?
Во кое грижата ќе се вреднува.
Во кое безбедноста нема да биде привилегија.
Во кое лидерството нема да има пол.
Цвеќињата се убав гест. Но вистинската почит се покажува со политики, со системи и со промена на свеста.
Затоа, овој 8 Март, наместо само „среќен празник“, можеби е време да си кажеме – време е за вистинска еднаквост.
Професор по историја Ирена Трајковска Стерјовска

