Одговор на народот за писанието на Димитар Димитров ,,Реквием за Кочани”

0
219

Вашиот текст, со сета своја трагична возвишеност, не може да избега од сенките што самите ги создадовте. Зборувате за „мерката на човекот“, за етиката на одговорноста, за непоправливиот рез меѓу луѓе и нелуѓе и тоа го правите со зборови кои носат тон на човек што ги видел најмрачните падини на историјата. Но токму затоа зачудува вашата тишина таму каде што требаше да викате, како што викате денес за Кочани. А уште позачудува тоа што трагедијата на Кочани ја користите како морално платно за пресметка со општеството, наместо да се воздржите зашто е срамно и ниско толкава човечка несреќа да служи како метафора во туѓи битки, особено кога во вашите сопствени битки избравте да молчите.

Јасно е дека болката на еден народ ја препознавате: ја преживеавте Граѓанската војна во Егејска Македонија, ги видовте преселбите, прогоните, празните куќи и скршените корени. Но како може човек што ги знае тие рани одблизу, човек чија младост ја изеде историја предатничка кон слабите да го поддржи сопствениот син во чинот со кој македонското име беше дадено под наем, а идентитетот ставен на маса како дипломатски прибор?

Никогаш нема да се заборави вашето дело „раката да му се исуши“ симболичен крик против неправда, против газење на достоинството, против секаква можност идентитетот да биде продаден. Тој крик со децении беше ехо во народот, сведоштво дека барем еден човек од тие генерации ја носи правдата како заклетва. Но токму тоа дело го сруши вашиот син, во мигот кога ја продаде токму онаа суштина за која вие симболично удиравте по маса. И вие, наместо да се спротивставите, стоевте покрај него а тој, како да беше дел од некаква сцена, го промовираше тоа понижување со овации, спектакуларно, како да се слави нешто доблесно.

Зборувате за „кочани“, за вкочанетост, за луѓе што се дршки без плод, но зарем не признавате дека токму оваа државна вкочанетост вие ја прифативте кога најмногу требаше да бидете од страната на оние кои ја бранеле суштината на својот идентитет?

Како може човек што се повикува на Кант, на должноста кон другите, на недопирливоста на човечкото достоинство да го оправда моментот кога неговиот син дозволи достоинството на целиот народ да биде условено, преправано, административно коригирано?

Нема поголема иронија од тоа човек кој преживеал историско бришење, на старост да застане зад ново бришење овој пат не преку пушка, туку преку потпис.

Во вашиот текст зборувате за „Ангелци“, за духовна победа над бесчестието. Но без искреност нема ниту духовна победа ниту ангели. Не може човек да држи проповед за одговорност, а да не погледне во огледало и да си признае дека некои од најстрашните предавства не доаѓаат од непријателот туку од домот.

Ако навистина верувате во мерката на човекот, тогаш првин треба да се измерите себеси Господине Димитар Димитров.

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име: