Државава во скопската општина Ѓорче Петров ќе добие прв социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар до крајот на годината. Како што беше истакнато на денешниот настан, се очекува тој да биде готов кон крајот на октомври или почетокот на ноември. На увидот во градежните работи присуствуваа министерот за здравство Арбен Таравари, бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, како и градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Министерот за здравство Таравари кажа дека станува збор за површина од 480 метри квадратни, претставува помош на бугарската Амбасада и градоначалникот Стојкоски, кој ја донирал старата општинска зграда.
– Јас би сакал да им се заблагодарам во име на Министерството и на Владата, на амбасадорот Ангелов, кој континуирано се залага за центрите за аутизам и на градоначалникот Стојковски, кој видел колку е важно да се има ваков центар. Првпат во државата правиме центар за престој на адолесценти и возрасни, подвлече министерот.
Тој додаде дека ќе бидат ангажирани и психијатар, психолог, логопед, физикални терапевти, социјални работници, рехабилитатори.
– Ова е нешто што се надевам дека кон крај на октомври, почеток на ноември, ќе го промовираме центарот и да видиме како успешно функционира, за да биде модел и за други градови низ државата, за да се отвораат вакви центри, нагласи Таравари.
Бугарскиот амбасадор Ангелов во изјава за медиуми посочи дека центарот требало да биде отворен на друго место и на многу помала површина уште во 2021 година, но, безуспешно. Како што додаде тој, дневен центар за деца со аутизам има во општина Аеродром во Скопје, во Охрид, се гради еден во Тетово, овој е четврти, но, прв за адолесценти.
– Тука е извршната власт, локалната и невладиниот сектор. Сите се во едно и сите работат во едно. Наше е поддршката што можеме да ја дадеме, нагласи Ангелов.
Градоначалникот Стојкоски информираше дека центарот ќе вклучи не само дневен престој со можност за терапија и за дијагностика, туку ќе има и центар за ментално здравје.
– Ние паралелно со овој проект, работиме и на првиот национален центар за ресоцијализација на деца кои преживеале карцином во Кучково. И тој проект ни е во завршна фаза, очекуваме во истиот период некаде да заврши и неговата реализација, појасни градоначалникот.
Од Здружението „Во мојот свет“ се заблагодарија на поддршката, исто така, изразувајќи задоволство од денешниот настан.