На седницата, велат нашите извори, ќе се расправа за позајмување на гориво од нафтените државни резерви кои ќе се доделат на Градот Скопје се до надминување на проблемот со набавката на нафта за градот и ЈСП
Владата се вклучува во решавање на проблемот со јавниот превоз, дознава „360 степени“ од владини извори. Според нашите информации, денеска во 14 часот ќе се одржии итна владина седница за надминување на состојбата во Градот Скопје со недостиг на гориво за Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП).
На седницата, велат нашите извори, ќе се расправа за позајмување на гориво од нафтените државни резерви кои ќе се доделат на Градот Скопје се до надминување на проблемот со набавката на нафта за градот и ЈСП.
Скопјани од утрово мора да се снаоѓаат за да стасаат до своите работни места поради вчерашните најави на синдикатите при ЈСП „Скопје“ дека јавниот градски превоз во главниот град ќе се одвива со драстично редуциран број на автобуси, поради недостиг на гориво.
Уште од вчеравечер граѓаните на социјалните мрежи се организираат како да стигнат на работа. Така, во многу групи на социјалните мрежи се нудат слободни места во автомобилите и се посочува релацијата на која ќе се движат.
Училиштата ќе имаат редовна настава без оглед на ситуацијата со редуцираниот автобуски превоз, а учениците треба да дојдат на часови.
Од синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, во изјави за медиумите вчера информираа дека во Скопје сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
Денеска во 18 часот Советот на Град Скопје ќе одржи итна вонредна седница поради состојбата со јавниот градски превоз. Седницата ја свика претседателот на Советот, Трајко Славески.