Најголемото музичко натпреварување влегува во своето финале, а денеска ќе биде познато која земја ќе ја освои титулата за најдобра песна на Евровизија.
Водителите остануваат исти: актерката Хана Ведингам, позната по улогите во бројни театарски мјузикли, но и во хит серијата „Тед Ласо“, поранешната членка на жирито на шоуто „ Britain’s Got Talent“ Алиша Диксон, украинската музичарка Јулија Санина и познатиот водител Греам Нортон.
Во финалето ќе настапат 26 земји, а покрај избраните натпреварувачи во полуфиналните вечери на 9 и 11 мај, тука е и „големата петорка“ составена од Велика Британија, Франција, Германија, Шпанија и Италија, кои придонесуваат најмногу финансиски на натпреварот, како и минатогодишните победници – Украина.
Кои се фаворитите?
Очекувано, по двете полуфиналиња, листата на евровизиски фаворити сега изгледа сосема поинаку, а на самиот врв и понатаму се Швеѓанката Лорин со песната „Тетоважа“ и финската „Ча Ча Ча“.
Обложувалниците на третото место ја сместуваат норвешката претставничка Алесандра со песната „Queen of Kings“, а на четвртото Израел и Ноа Кирел со песната „Еднорог“.