Во четврток, на 14 јули, пратениците во македонското Собрание ќе расправаат за владината Информација за францускиот предлог за укинување на бугарското вето и продолжување на преговарачкиот процес за добивање кандидатски статус за членство во ЕУ.
Седницата е закажана за во 13 часот, а пратениците биле информирани попладнево преку СМС-порака.
Според тоа што е објавено на собраниската веб-страница, на 80. седница на Собранието треба да се обрати претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Владата денеска според барањата од вчерашната координација во Собранието, достави до Собранието дополнување на Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција на 30 јуни 2022 година, соопшти собраниската прес-служба.