ПочетнаВестиМакедонијаНа полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата

На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата

На полноќ истекува рокот за доставување на кандидатури за претседател на државата до Државната изборна комисија (ДИК).

Досега четворица од седуммина кандидати кои собраа потписи од граѓаните поднеле кандидатура до ДИК – актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Максим Димитриевски од ЗНАМ и Арбен Таравари од поддржан од коалицијата на албанската опозиција Вреди.

Потписи за кандидатура за претседател собраа и Гордана Силјановска Давкова, која е поддржана и со пратенички потписи од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Билјана Ванковска поддржана од Левица и Бујар Османи, поддржан од ДУИ.

Кандидатурите треба да бидат потврдени од членовите на ДИК и тогаш тие и официјално ќе станат претседателски кандидати.

Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април.

Неколку часа откако актуелниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вчера ја потврди кандидатурата за претседател пред Државната изборна комисија, американскиот Стејт департмент соопшти дека поради вмешаноста во значителна корупција именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и Јакимовски.

Државната изборна комисија на прашање на МИА дали тоа ќе влијае врз неговата кандидатура истакна дека условите за избор на претседател се содржани во Уставот.

Кандидат за претседател на Републиката согласно Изборниот законик може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател утврдени со Уставот, кој пак ги предвидува само следите услови – да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години.

– Само овие услови ги предвидува Уставот за претседател на државата. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот, велат од ДИК за МИА.

Претседателскиот кандидат на ГРОМ Стевчо Јакимовски е изненаден од одлуката на САД да биде ставен на „црната листа“ и најави дека ќе поднесе кривична пријава против н.н. сторител. Јакимовски, како што изјави вчера на прес-конференција, нема да се повлече од изборната трка.

Вчера на полноќ истече рокот за увид во Избирачкиот список, додека рокот за пријавување на гласачите во дијаспората беше продолжен за девет часа поради технички проблеми, односно до денеска до 9 часот.

Заклучно со 17.03.2024 во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК увид во своите податоци во Избирачкиот список направиле 5 544 лица. Вкупно 12 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 23 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 10 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Според ДИК, преку електронски пат заклучно со 17.03.2024, се провериле вкупно 41 040 граѓани. Поднесени се 37 барања за промена на податоци, 7 барања за бришење на податоци и 17 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, досега се пристигнати вкупно 2 230 пријави од кои 1 545 се прифатени, 193 се одбиени и 492 се необработени пријави.

Сите кои се запишани во избирачкиот список ќе можат да гласаат и на претседателските и на парламентарните избори, а правото на глас ќе може да го остварат и граѓаните со истечени лични документи и патни исправи во последните девет месеци пред изборите

Со последните измени и дополнувања на Изборниот законик предвидено е во Избирачкиот список да бидат запишани сите граѓани со наполнети 18 години заклучно со денот на изборите, согласно со актот за распишување на изборите кои имаат живеалиште на територијата на државата.

Гласање во дијаспората за претседателските избори ќе се организира, со оглед дека претседател на државата се избира според мнозинскиот систем на целата територија на државата, како и на сите континенти каде што живеат нашите државјани, но за да се организира гласање за парламентарните избори потребно е да се пријават најмалку 5 355 гласачи во сите 52 конзуларни претставништва или дипломатски канцеларии во странство.

За да биде отворено едно гласачко место ДКП или Конзуларна канцеларија на нашата држава во странство треба да бидат пријавени најмалку десет гласачи.

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име:

- Advertisment -spot_img

НАЈПОПУЛАРНИ