Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше организатор и домаќин на панел-дискусијата на тема „Улогата на Франкофонијата во светот и регионот“, организирана по повод Месецот на Франкофонијата.
Настанот беше отворен со обраќање на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
На панел-дискусијата учествуваа амбасадорите на неколку франкофонски земји акредитирани во Република Македонија, меѓу кои Франција, Швајцарија, Романија и Грција, кои преку свои излагања ја истакнаа важноста на Франкофонијата како платформа за мултилатерализам и културна разновидност.
Темата на панелот беше фокусирана на значењето на Франкофонијата како заедница на вредности, културен дијалог и солидарност, со посебен осврт на нејзината улога во современиот геополитички и регионален контекст.
-Франкофонијата не е само заедница на јазик, туку пред сè заедница на вредности – дијалог, еднаквост, почит и соработка. Во време на глобални предизвици, овие вредности се поважни од кога било и претставуваат патоказ за стабилност и развој во нашиот регион и пошироко, истакна министерот Тимчо Муцунски.
-Членството во Франкофонијата го гледаме како можност за афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и богато културно наследство, но и на сите вредности на современото македонско општество – мирот, демократијата, толеранцијата и солидарноста, додаде тој, нагласувајќи дека францускиот јазик е дел од нашата историја, но исто така и нераскинлив дел од нашата европска иднина.
Во своите обраќања, дипломатските претставници на франкофонските земји нагласија дека Франкофонијата претставува силна основа за градење мостови меѓу културите, поддршка на мирот и демократијата, како и промоција на образованието, младинските перспективи и родовата еднаквост. Тие ја подвлекоа и важноста од продлабочување на регионалната соработка во духот на франкофонските вредности.