Наредната недела, најверојатно во среда, Собранието ќе заседава и ќе ги избере членовите на работните тела, објави Телма. Претходно, предлогот ќе биде утврден во Комисијата за избори и именувања. Во 20 комисии ќе има мнозинство владеачката коалиција СДСМ-ДУИ-БЕСА-ДПА, а најголемата опозициска партија ќе биде побројна само во Комисијата за надзор на следењето на комуникациите. Според моделот за распределба на претседатели и членови, во согласност со бројот на освоени пратенички мандати, коалициите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ ќе раководат по 8 комисии, ДУИ 3 и коалицијата Алијанса-Алтернатива – 2 комисии.
Овој договор меѓу парламентарните партии треба да финишира со поделба која партија со која комисија ќе раководи и кои пратеници ќе добијат такви задачи. Претседателот Талат Џафери вели дека седницата ќе биде закажана кога ќе добие официјален предлог од партиите.
-Седницата за формирање на работните тела ќе биде закажана во моментот кога политичките партии ќе достават предлог. До овој момент таков предлог не е доставен од ниедна партија, штом биде доставен, претседателот ќе може да свика седница – кажа Џафери.