Реформата дава визија, но бара и сериозен пристап во нејзината имплементација. Дали училиштата, наставниците и системот се подготвени за вистинска промена?
Со новата Концепција за гимназиско образование започнува еден од најсериозните обиди за модернизација на средното образование во последните две децении. Ова не е само техничка промена на наставни планови и програми – ова е обид за редефинирање на самата улога на гимназијата во современото општество.
Прашањето не е дали ни беа потребни реформи. Прашањето е дали сме подготвени да ги спроведеме.
Од меморирање кон компетенции
Долги години гимназиското образование беше фокусирано на акумулација на факти и репродукција на содржини. Новата Концепција прави јасен исчекор: фокусот се префрла од „што знаеш“ кон „што можеш да направиш со тоа знаење“.
Според националната рамка клучните компетенции се насочени кон знаењата, вештините, вредностите и ставовите. Тоа значи дека гимназијата повеќе не треба да произведува ученици што знаат да дефинираат поими, туку млади луѓе што знаат да анализираат, да проценуваат извори, да соработуваат, да носат одговорни одлуки и да размислуваат критички.
Во време на дезинформации, вештачка интелигенција и брзи општествени промени, ова е неопходен чекор.
Флексибилност наместо униформност
Поголемата изборност носи можност учениците да ги продлабочат знаењата според своите интереси. Гимназијата треба да биде подготовка за живот, а не само за матура.
Но изборноста носи и ризик. Ако одредени предмети не бидат избрани, може да дојде до нивно маргинализирање, што директно ќе влијае врз статусот и стабилноста на наставниците.
Истовремено, се поставува прашањето дали учениците ќе можат навреме и зрело да проценат кои предмети им се неопходни за идните студии. Недоволна застапеност на темелни области може да создаде празнини во подготовката за високото образование.
Затоа изборноста мора внимателно да се планира и управува. Таа треба да отвора можности, а не да создава нови нееднаквости – ниту за наставниците, ниту за учениците.
Наставникот како носител на реформата.
Секоја реформа во образованието започнува во училницата. Колку и да е добро напишана концепцијата, нејзината реализација зависи од наставниците.
Од нив се очекува да применуваат нови методологии, формативно оценување и дигитални технологии. Тоа подразбира дополнителна подготовка, нови компетенции и постојано професионално усовршување.
Но реалноста во училиштата не смее да се игнорира.
Наставниците се преоптоварени со административни обврски кои им го одземаат времето што треба да го вложат во подготовка на квалитетна и креативна настава. Наместо повеќе време со учениците, наставникот посветува повеќе време пред документација.
Обуките што ги посетуваат не секогаш нудат конкретни решенија за реалните ситуации во училницата. Теоријата без практична примена тешко носи вистинска промена.
Дополнително, прашањето на платите не може да се заобиколи. Од наставникот се очекува да биде иноватор, ментор, педагог и дигитално компетентен професионалец – но финансиското вреднување често не ја следи таа одговорност. Тешко е да се бара ентузијазам и дополнителен ангажман ако чувството на материјална сигурност изостанува.
Покрај тоа, прашањето на општественото признание останува отворено.
Професијата често се вреднува декларативно – со зборови за нејзината важност – но вистинското признание се мери со почит, доверба и стабилни услови за работа. Без чувство на достоинство и професионална вредност, тешко е да се очекува долгорочна мотивација.
Недостасуваат и системски можности за менторство и вистинска размена на искуства, каде наставниците би учеле едни од други и би ја унапредувале наставната практика.
Ако од наставниците се очекува да ја носат реформата, тогаш системот мора реално да инвестира во нив.
Оценување што мотивира, а не казнува
Концепцијата ја зајакнува улогата на формативното оценување – пристап што го поддржува учењето, наместо само да го мери. Наместо доминација на тестови и бројки, во фокусот се повратната информација, самооценувањето и личниот напредок. Кога ученикот разбира што се очекува, каде греши и како може да напредува, оценката станува алатка за развој, а не механизам за притисок. Усогласеноста со ПИСА и државната матура покажува обид за балансирање меѓу националните приоритети и меѓународните стандарди – но суштината останува во начинот на примената.
Инклузија и општествена одговорност
Концепцијата го нагласува принципот на инклузивност и развој на демократски вредности.
Гимназијата треба да биде простор во кој се почитуваат различностите, се поттикнува активно граѓанство и секој ученик има можност да го развие својот потенцијал.
Но инклузијата не се постигнува само со декларација. За таа да биде вистинска и одржлива, потребни се соодветни услови: подготвени и обучени наставници, стручни служби, индивидуализиран пристап, соработка со родителите и обезбедени материјални и технички ресурси. Потребна е и култура на прифаќање и почитување, која се гради преку дијалог, емпатија и системска поддршка.
Во современо општество, образованието има клучна улога во градењето одговорни, критички ориентирани и општествено свесни генерации. Затоа успешната инклузија не е дополнителна обврска, туку темел на квалитетно и правично образование.
Реформа што бара истрајност
Новата Концепција нуди визија за модерна гимназија подготвена за предизвиците на 21 век. Но вистинската промена нема да се случи со самото донесување на документот, ниту со формално усвојување на нови наставни планови.
Успешната реформа бара континуитет, финансиска стабилност, професионално вреднување и – пред сè – поддршка од сите чинители во воспитно-образовниот процес. Наставниците, раководствата, стручните служби, родителите, институциите и носителите на политики мора да делуваат координирано и со заедничка одговорност. Без партнерство, доверба и јасна системска поддршка, ниту една концепција не може да заживее во пракса.
Ако инвестираме во наставниците, во условите за работа и во стабилно лидерство, оваа концепција може да стане вистинска трансформација.
Ако изостане заедничката поддршка – ќе остане уште една добро напишана стратегија со ограничена примена, како што историјата на реформите веќе познава.
Суштината на успехот нема да зависи од содржината на документот, туку од степенот на реална поддршка во пракса.
Затоа прашањето од насловот останува отворено:
подготвени ли сме навистина – сите заедно – за новата концепција?
Одговорот нема да го дадат документите.
Ќе го даде секоја училница.
Ирена Трајковска Стерјовска, професор по историја

