Повеќе од илјада мигранти денеска за неколку часа пристигнаа во Италија, додека стотици други спасени од хуманитарните бродови чекаат да им се одреди на кое пристаниште ќе бидат прифатени, соопштија невладините организации и италијанските власти.
Повеќе од 600 луѓе пристигнаа на Сицилија откако вчера беа спасени од трговски брод и крајбрежната стража во близина на Калабрија. На бродот со кој се превезуваа мигрантите пронајдени се пет безживотни тела.
На острвото Лампедуза околу 522 лица од Авганистан, Пакистан, Судан, Етиопија и Сомалија пристигнаа со 15 чамци од Тунис и од Либија. Во прифатниот центар на Лампедуза, со капацитет од 250 до 300 луѓе, во моментот се сместени 1.200 мигранти.
Организацијата „Сивоч“ (SeaWatch) денеска соопшти дека вчера извршила четири спасувачки операции. На бродот „Сивоч3“ има 428 мигранти меѓу кои и жени и деца, една бремена жена во деветти месец и еден пациент со тешки изгореници.
Бродот на невладината организација „СОС Медитеран“ (SOS Mediterranee), „Оушн Викинг“ (Ocean Viking) во меѓународните води во близина на Либија спаси 87 лица, од кои 57 малолетници без придружба, кои патуваа со гумен чамец.
Според италијанското Министерство за внатрешни работи од 1 јануари до 22 јули во Италија по море пристигнале 34.000 лица, наспроти 25.000 во истиот период во 2021 година и 10.900 во 2020 година, соопшти МВР.
Мигрантската рута во централниот дел на Средоземно Море е најопасна во светот. Меѓународната организација за миграција проценува дека од почетокот на годината на таа рута загинале или исчезнале 990 луѓе. (МИА)