asd
ПочетнаВестиМакедонијаПотврден прв случај на индискиот сој во Македонија, за вакцина по избор...

Потврден прв случај на индискиот сој во Македонија, за вакцина по избор и без закажаување македонските државјани одат во Србија

Опаѓа бројот на заболени и починати од Ковид-19, во земјава детектиран прв случај на „индискиот“ сој.

Продолжува да се намалува бројот на новозаболени и починати од Ковид-19. Во текот на вчерашниот ден беше регистриран само еден нов случај на заболен, поточно од Куманово. Минатата недела во државата беше детектиран и „индиски“ сој на вирусот, и тоа кај еден пациент хоспитализиран во приватна болница, кој претходно бил во Ирак.

Според извештајот на Министерството за здравство, вчера беа направени 1.375 тестирања, а регистриран е еден нов случај на Ковид-19 од Куманово. Вкупно се регистрирани 204 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени 815.893 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.418. Оздравени пациенти се 149.496, а починале вкупно 5.458. Бројот на активни случаи изнесува 464.

Во болниците низ земјава се лекуваат вкупно 126 ковид пациенти, и има околу 500 слободни кревети во ковид центрите.

Што се однесува до главниот град, таму вчера беа хоспитализирани двајца нови пациенти поради компликации од корона вирусот.

Вкупно 51 лице сомнително и потврдено за Ковид 19 се лекува на инфективните одделенија во главниот град, а во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 75 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот.

– Во последното деноноќие, на Институтот за ТБЦ немало приеми. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало еден примен пациенти и еден нови заболен е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во текот на вчерашниот ден. Во изминатите 24 часа дома е пуштен еден оздравен пациент, се наведува во извештајот на Министерството за здравство.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 31 мај до 6 јуни тестирани се вкупно 19.672 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 9,1 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 155 нови позитивни случаи од 21 град во државата со намалување од 29,5 отсто во однос на минатата недела.

Поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.

Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка.

Министерството за здравство вчера соопшти дека има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени.

Инаку, минатата недела кај еден пациент кој е хоспитализиран во приватна болница, е детектирано присуство на „индиски“ сој на вирусот СарсКов2.

Според епидемиолошката анкета која ја направила болницата, пациентот се вратил од Ирак, каде претходно десет дена бил болен и хоспитализиран. Кога се вратил во земјава, веднаш со посебно санитетско возило бил пренесен во болницата. Надлежните соопштија дека состојбата на пациентот е стабилна и овој пациент не е знак за ризик.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера на Фејсбук повторно апелираше до сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација да го сторат тоа што поскоро.

Филипче синоќа на Фејсбук објави дека пристигнале дополнителни 12.870 дози од производителот Фајзер обезбедени преку директните преговори со производителот и преку ЕУ која ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Европа“ (Team Europe). Според најавите државава треба да добие 30.000 вакцини „Синовак“ од Турција, а се очекува неделава да пристигнат и 500.000 дози од овој производител.

Вакцинацијата против Ковид-19 во државава започна на 17 февруари. Заклучно со 6 јуни аплицирани се: 60.526 дози на „Фајзер/Бионтек“ (43.441 со прва доза и 17.085 со втора доза), 45.168 дози на „Спутник В“ (22.875 со прва доза и 22.293 со втора доза), 32.875 дози на „Астра Зенека“ (32.843 со прва доза и 32 со втора доза) и 251.705 дози „Синофарм“ (147.998 со прва доза и 103.707 со втора доза).До завчера во државава вакцинирани се вкупно 247.157 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Комплетно се вакцинирани вкупно 143.117 лица.

Во меѓувреме, македонските граѓани одат да се вакцинираат и во соседна Србија. Во Врање досега се вакцинирани вкупно 2.032 Македонци, а без закажување е можно вакцинирање и во Ниш и Нови Сад.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, според последните податоци на Градскиот штаб за вонредни состојби во Врање за време на викендот вакцинирани се 927 граѓани на Република Северна Македонија.

Од ПР службата на Здравствениот дом во Врање соопштија дека досега во овој град со првата доза се вакцинирани 2.032 граѓани на Северна Македонија.

Македонските државјани можат да се вакцинираат и на главниот пункт за вакцинација во Врање, во Спортската сала, без претходно закажување и претходно подготвени списоци.

Од Здравствениот дом во Ниш за МИА изјавија дека и во овој град македонските државјани можат да се вакцинираат без закажување преку е-Управа.Покрај граѓаните на Србија, македонските граѓани и граѓаните на БиХ, можат да се вакцинираат и во Нови Сад без покана од е-управа. Достапни се вакцините на Синофарм, АстраЗенека и Фајзер, додека „Спутник В“ се дава само на граѓаните кои добиле покана од е- Управа.

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име:

- Advertisment -spot_img

НАЈПОПУЛАРНИ