ПочетнаВестиМакедонијаВо чест на великанот Делчев, легенда во историјата, водач во сегашноста

Во чест на великанот Делчев, легенда во историјата, водач во сегашноста

Денес кога си споменуваме и го одбележуваме раѓањето на Гоце Делчев ние всушност се потсетуваме за значењето на историјата, но и зошто ни е потребно учењето за минатото. Приказната од минатото не учи за тоа кои сме, од каде сме, но може во одредени периоди да не предупреди дали сме на вистинскиот пат.

Дел од општествените чинители ставаат сомнеж за значењето на историјата, не водејќи сметка за иднината, ниту за потребата како се водела борбата за Македонија, но и за тоа како се градел светот пред нас. Со тоа без грам совест ги обезвреднуваат македонските херои кои ги положиле своите животи во вековната борба за своја држава, но ги оставаат генерациите после нас да останат без значајна основа за иднината.

Гоце Делчев со своето дело, борба и живот покажал како треба и што треба да се направи за својата држава, за својот народ. Историјата и спомените за Делчев не учат дека образованието е значајно бидејќи тој преку образованието се истакнал во почетоците на неговиот живот и по тоа бил препознаен во текот на животот. Брзото созревање, образованието и желбата за слободна Македонија, Делчев ги започнал во најрана возраст. Формирањето на кружоци македонски друштва биле вовед во формирањето на македонската револуционерна организација. Тој и неговите соборци работеле силно на будење на македонскиот народ со познатата лозинка Автономија на Македонија, со тоа ќе се откинеме од Турција, но не само од Турција туку и од Бугарија, Србија и Грција.

Се оддал на револуционерна дејност кога било најтешко, секојдневно организирајќи го македонскиот народ во борбата против екплоататорите, угнетувачите, со дотогаш невиден ентузијазам, јакнејќи го духот на македонецот пројавувајќи пркост и покажувајќи ја посебноста на својот народ.

Пишувајќи за Делчев ние всушност правиме потсетување за саможртвата, борбата и делата на сите херои на Македонија кои ги дадоа своите животи, но и зошто ја водеја нивната, нашата борба.

Многуте цитати кои ги остави Делчев, неговите дела се спомен по кој треба да се водиме во иднината. И токму денес, на денот на неговото раѓање би сакал да им посочам на сите оние кои имаат сомнеж во значењето на Гоце Делчев, пробуваат да оспоруваат, но и да присвојуваат, да се вратиме во сегашноста и да видиме денес нашите деца кои аплицираат за студирање во странство на кој јазик ги пополнуваат документите.

Затоа со изучувањето на историјата полесно ќе ги разбереме дел од прашањата и проблемите кои се појавуваат, но и решенијата на кои мора да работиме. Преку учење за минатото да помогнеме да го зацврстиме идентитетот и да работиме на градење на нашата држава. За да го разбереме односот на соседите кон нас, да може да ги препознаеме сојузниците, но и да го осознаеме значењето на големите сили, мора да се потпреме на историјата. Трудејќи се да разбереме зошто нешто се случило, полесно е да проучиме, да ги разгледаме работите кои некогаш се случиле.

Во време кога сме соочени со предизвици, искушенија и потреба за единство, да се потсетиме на неговиот несебичен придонес во борбата за слобода и да ја зачуваме неговата визија за слободна и просперитетна Македонија.

Во чест на Гоце Делчев ќе завршам со негов цитат

Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија?

И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија.

Ѓорѓија Сајкоски, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Доктор на историски науки

 

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име:

- Advertisment -spot_img

НАЈПОПУЛАРНИ