На повеќето азиски берзи цените на акциите пораснаа по вчерашниот благ пад, додека доларот зајакна во однос на кошничката валути во пресрет на извештајот за инфлацијата во САД.
На повеќето азиски берзи цените на акциите пораснаа по вчерашниот благ пад, додека доларот зајакна во однос на кошничката валути во пресрет на извештајот за инфлацијата во САД.
MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, во 07:00 часот порасна за 0,2 отсто, надополнувајќи ги вчерашните загуби.
Утрово на токиската берза индексот Nikkei падна за 0,2 отсто, а цените на акциите во Шангај исто така паднаа за околу 0,5 отсто. Меѓутоа, во Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг тие се зголемија меѓу 0,1 и 2,4 отсто. Најмногу утринава скокна берзанскиот индекс во Хонгконг, што најмногу се должи на растот на цените на акциите во технолошкиот сектор.
Во Јапонија, пак, индексот Nikkei ослабна втор ден по ред, бидејќи сè појасно е дека централната банка наскоро ќе ги укине негативните каматни стапки и ќе започне со нормализирање на монетарната политика, по неколку години исклучително стимулативна монетарна политика.
На останатите берзи се тргува внимателно, исто како вчера на Волстрит, кога Dow Jones зајакна 0,12 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,11 отсто, а Nasdaq индексот 0,41 отсто.
Инвеститорите се претпазливи бидејќи оваа недела ќе бидат објавени два извештаи кои ќе покажат како се движела инфлацијата во САД во февруари и тоа може да влијае на одлуката на американската централна банка за каматните стапки.
Извештај за потрошувачките цени ќе биде објавен денеска, а во четврток извештај за цените на производителите.
Откако потрошувачките цени во јануари пораснаа нешто повеќе од очекуваното, аналитичарите во анкетата на Reuters процениле дека во февруари цените пораснале за 0,4 отсто на месечно ниво и за 3,1 отсто на годишно ниво.
Минатата недела, претседателот на ФЕД, Џером Пауел, рече дека лидерите на централната банка сакаат да бидат сигурни дека инфлацијата ќе продолжи да слабее кон целното ниво од 2 отсто пред да одлучат да ги намалат каматните стапки.
Коментарите на Пауел ги зајакнаа пазарните очекувања дека ФЕД може да започне со намалување на каматните стапки во јуни.
На валутните пазари, пак, вредноста на доларот во однос на кошничката на валути благо порасна. Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 102,79 поени, додека вчера во овој момент изнесуваше 102,72 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 146,95 на 147,60 јени. И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0935 долари, додека вчера во ова време беше 1,0945 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,33 отсто, на 82,50 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,28 отсто, на 78,15 долари.