asd
ПочетнаВестиАлбанија воведе двонеделен карантин за македонците кои влегуваат, а границите на Грција...

Албанија воведе двонеделен карантин за македонците кои влегуваат, а границите на Грција остануваат затворени

Мерки за спречување на коронавирусот, воведуваат соседите на нашата држава. Албанија од денеска воведува двонеделен карантин за сите кои влегуваат на нејзина територија од Северна Македонија и од Грција.

Одлука за тоа вчера донесе Комитетот на експерти за справување со пандемијата и истата ќе биде во сила до 3 мај.

Претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство Мира Ракацоли рече дека во Северна Македонија и Грција е зголемен бројот на случаи, но и бројот на изгубени животи. Таа додаде дека велигденските празници во Албанија ќе донесат многу лица и емигранти од други земји, а имајќи предвид дека минатата година по овој празник бројот на новозаразени забележал голем раст, како и зголемен број смртни случаи, комитетот ја донел оваа одлука.

За македонските државјани, границите на Грција остануваат затворени уште една седмица, со оглед на тоа дека грчката Влада вчера ја продолжи до 26 април 2021 година министерска одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани за трети земји.

Во новата министерска одлука, промени има за државјани на одредени земји, како што се членките на ЕУ, Израел, Србија, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати и САД, за кои не важи задолжителниот карантин при пристигнувањето, а отворен е уште еден граничен премин, односно освен од Промахонас (Кулата), туристите и преку Нимфеас (Маказа), од Бугарија ќе можат да влезат во Грција, но под специјални правила, како што е негативен ПЦР тест или сертификат за вакцинација.

За граничниот премин Евозни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории. За транспортерите, Евзони е отворен од 7 до 23 часот по локално време, а и за возачите на камиони, негативен резултат од рапид тестот направен на граничниот премин е предуслов за влез во Грција.

Забраната за влез во земјата не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција.

Границата со Грција, веќе 13 месеци е затворена за државјани на трети земји, меѓу кои и за македонските државјани. Одлуката беше воведена лани, за време на првиот карантин во март, а оттогаш континуирано се продолжува.

За еден месец, односно на 14 мај, според најавите од грчката Влада, Грција ќе го отвори туризмот за сите, а за патување ќе биде потребно или сертификат за вакцинација или негативен тест или потврда за прележан Ковид-19.

ИЗВОРКурир

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име:

- Advertisment -spot_img

НАЈПОПУЛАРНИ