Протеините се важен дел од исхраната и претставуваат комплексно соединение изградено од аминокиселини. Тие содржат 5 калории на еден грам, но организмот предност им дава на јаглените хидрати и мастите како енергетски извори.
Аминокиселините од кои се изградени протеините влегуваат во составот на сите ткива и органи и се неопходни за раст и обнова на истите.
Месото и рибата претставуваат најдобар извор на протеини, но нив ги има и во јајцата, млекото и млечните производи, сојата, леќата и мешунките.
Протеините во месото и рибата ги обезбедуваат сите аминокиселини кои му се неопходни на организмот, заради што се нарекуваат комплетни протеини.
Оние протеини, пак, кои се од растително потекло се нарекуваат некомплетни протеини бидејќи не ги содржат сите аминокиселини кои ни се неопходни. Нив не ги содржи ниту една билка, но вегетаријанците можат да ги обезбедат истите хранејќи се со разновиден зеленчук и житарки.
Експертите тврдат дека дневната потреба за протеини изнесува 0,75 грама на еден килограм телесна тежина, или 15 проценти од вкупниот внес на калории.
Треба да бидете внимателни со внесот на протеините бидејќи нивното прекумерно консумирање може да предизвика проблеми со црниот дроб и бубрезите, а доколку истите потекнуваат од месо и млечни производи, кои покрај протеини, содржат и големи количини заситени масни киселини, може да настане зголемување на нивото на лошиот холестерол во крвта, што доведува до кардиоваскуларни заболувања.
Од друга страна пак, доколку вашата исхрана е сиромашна, организмот почнува да ги користи протеините кои влегуваат во составот на мускулите како извор на енергија, што води кон општа слабост и млитавост.