Интернет порталот „Локално.Мк“, во перидот од 25.1 до 29.1.2025 година, по телефонски пат на примерок од 1.150 испитаници, спроведе истражување на јавното мислење за состојбите и предизвиците во градот Скопје и скопските општини.
Целта на ова истражување е да се откријат ставовите на жителите на град Скопје за најгорливите проблеми, да се оцени работата на градоначалниците, како и да се добијат индиции за преференциите на граѓаните за евентуалните кандидати за градоначалник.
Примерокот е репрезентативен според пол, возраст и географска распространетост во рамките на границите на главниот град на државата.
При анализа на резултатите, препорачливо е да се земе предвид можната статистичка грешка од ±3%.
Врз основа на резултатите од ова истражување на јавното мислење, може да се
заклучи следното:
* Загадувањето на воздухот и јавниот превоз се најгорливите теми за жителите на
Скопје. Сообраќајните гужви и нечистотијата исто така добиваат високи проценти
на незадоволство.
* Актуелната градоначалничка Данела Арсовска има забележливо низок рејтинг –
77% ја оценуваат како „слаба“ или „многу слаба“, а 68% „воопшто немаат доверба“
дека таа ќе ги реши главните проблеми.
* Од градоначалниците на скопските општини, Бобан Стефковски од Гази Баба има
највисока средна оценка за својата работа (3.9. од 1 до 5), додека втор на листата е
Орце Ѓорѓиевски од Кисела Вода (3.7. од 1 до 5).
* Златко Перински е избор на 18% од испитаниците за следен градоначалник на
Скопје, по што следуваат Коце Трајановски со 16.5%, Орце Ѓорѓиевски со 14% и
Петре Шилегов 11.5%. Во горниот дел од табелата се и Висар Ганиу со 7%, Бобан
Стефковски со 5% и Ѓорѓи Галетановски со 4.5%.
Вкупно земено, резултатите од анкетата покажуваат дека испитаниците се крајно
чувствителни на прашањата поврзани со квалитетот на воздухот, сообраќајот и
хигиената.
Актуелните градоначалници на скопските општини уживаат поддршка, но забележливо е незадоволството од начинот на раководењето со градот Скопје.