Приближно, околу 10 колеги сакаат да се вратат од приватното во јавното здравство. Некои се веќе во процедура на трансфер, информираше попладнево министерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање за време на „Платформа: 100% посветени за тебе“ на тема „Мерки и политики за унапредување на здравството, социјалната политика, демографијата и младите“, одржана во Владата.
– Не би сакал да одам со имиња. Мислам дека е некоректно, ако сакаат колегите, нека кажат. Јас ќе спомнам клиники. Неврологија, Неврохиругија, „8 Септември“ – доктор инфектолог им треба, овие се сеќавам. Околу 10 колеги приближно. Веќе некои се во процедура на трансфер, одговори тој, прашан за колку лекари, од кои приватни болници, сакаат да се вратат и од кои клиники и болници се барани.
Таравари појасни дека укината е забраната за преминување на доктори од приватно во јавно здравство. Во постапка било изготвување упатство за начин на преземање од приватна во јавна здравствена установа.
– Оваа мерка е посебно фокусирана на специјалисти, како што се фармацевти, стоматолози, анестезиолози, радиолози, но, само доколку директорот на клиниката ни каже дека има потреба од тие кадри, потенцираше министерот.
Тој потсети на мерката за вработување приватни специјализанти, вкупно 600, а се правеле напори за вработување на уште 1.200 лица. Тој се осврна на ажурираната Позитивна листа, очекува во следниот период таа да биде проширена со нови лекови. Таравари зборуваше и за укинувањето на економските директори, а спомна и за реализирани инфраструктурни проекти во јавните здравствени установи, како и инвестиции во нова медицинска опрема.
Министерот ја спомна и кампањата за одбележувањето на октомври, како месец посветен на борба против рак на дојка.
На новинарско прашање дека според број на пушачи сме први во регионот како држава, а 10. во светски рамки, дали се размислува да се подигне свеста во оваа насока, министерот информираше дека веќе со Светската здравствена организација се прави „сериозна стратегија за одвикнување од пушење и за забрана на користење цигари во повеќе јавни простории“.