Универзитетското студентско собрание при УКИМ, во соработка со Факултетските студентски собранија, на неколку факултети успешно организира воведни ориентациски денови со цел новозапишаните студенти да се упатат во светот на студиите и да се запознаат со дел од професорите и со нивните постари колеги.
Идејата која започна на ФИНКИ пред 3 години, од страна на Александар Ристоски, студент на ФИНКИ, со помош од негова колешка која има студирано во странство – Матеа Коцевска, денес е реализирана од студенти на повеќето Факултетски студентски собранија.
-Бруцошите во големи броеви ги наполнија амфитеатрите и предавалните уште пред почетокот на нивните студии – доказ дека студентскиот дух бујно тече низ нашата младина. Се надеваме дека оваа пракса на ориентациски денови ќе стане традиција кај нас, а и дека ќе се прошири на други универзитети низ нашата држава. Факултетите на коишто се одржаа ваквите денови се ФЕИТ, ФИНКИ, Филолошки факултет, Економски факултет, Правен факултет и Медицински факултет, а дополнително и останатите факултети ќе одржат слични ориентациски денови во текот на месецот. Исто така, чест и задоволство ни претставува да ве поканиме на свечениот Прв академски час што ќе се одржи на Платото на општествен кампус, на 1.10.2024 од 10:00 часот наутро. Истиот ден е подготвена и вечерна програма, на иста локација од 20:30 часот, велат од УСС УКИМ.