За убавaта плажа на Халкидики, во Посиди, каде што исчезнаа тројца македонски туристи, не е тајна дека е плажа на која има големи струи. Тука исчезнаа тројца македонски туристи. Двајца од нив се спасени, а по третиот спасувачките служби сè уште трагаат.
Тројцата скокнале во водата додека славеле роденден на плажата, на место кое е привлечно за туристите поради неговиот рајски изглед, но место што мештаните го избегнуваат поради тоа што крие голема опасност.
На ова место секоја година исчезнува и знакот што ги предупредува капачите за струите. Експертите велат дека треба да се биде многу внимателен за оној што сака да плива во овие води. Предупредувања има објавено и на фејсбук-страницата „Грчки кутак“.
Грците на социјалните мрежи пишуваат за тоа колку е важно да се постават предупредувачки знаци на повеќе јазици бидејќи мештаните знаат дека постои опасност од струи во оваа област, но не и туристите.
Покрај на Посиди на Халкидики, силни морски струи и големи бранови може да се очекуваат и на останативе 5 плажи во Грција. На Рајската плажа на Тасос, во Сарти на Ситонија, на плажата „Порто Кацики“ на Лефкада и на „Миртос“ на Кефалонија. Внимавајте и на плажата „Милош“ на Лефкада.
Постара жителка на Касандра раскажува дека Посиди (или Амоглоса – песочен јазик во превод) е точката што го поврзува Солунскиот Залив со Егејското Море. Таа вели дека обликот на оваа плажа се менува поради плимата и осеката.
„Кога дува северен ветер, врвот (или Мити-нос, како што го нарекуваат Грците) се свртува кон Солунскиот Залив, а кога дува јужен ветер, се врти кон спротивната страна, кон местото Посиди. Во околината има силни струи при сите временски услови. Постарите секогаш ни велеа дека никогаш не треба да пливаме на самиот врв на плажата Посиди бидејќи струите влечат како правосмукалка. Во последните години се случува токму спротивното. Многу туристи се капат без да обрнат внимание на струите. Секоја година некој настрадува токму тука“, раскажува таа . .
‘Ртот Посиди се наоѓа веднаш до Посиди (Касандра), 7 км од Скала Фурка и 9 км од Мола Калива. Плажата се наоѓа на крајниот западен ‘рт Касандра. Поради плимата и осеката, формата на оваа плажа се менува и никогаш не е иста. Некогаш крајниот десен дел тоне во морето и не се гледа, а понекогаш излегува на површината, но во поинаква форма од порано, пишуваат грчките медиуми.
На грчките портали пишува дека Иван држел топка во рацето, која пред десет дена ја изгубиле две деца и дека таа му помогна да остане на површината на отворено море повеќе од 18 часа.
Тој бил пронајден и спасен од товарен брод, кој пловел под знамето на Гибралтар. Неговата здравствена состојба е добра. Претходно беше спасен и неговиот пријател, а по третиот сè уште се трага.