Едно лице загина, а друго е повредено во смртоносна престрелка што се случи утринава во фабриката на Мерцедес Бенц во југозападна Германија во градот Синделфинген.
Локалната полиција на Твитер објави дека едно лице починало, додека друго е тешко повредено. Оттаму додаваат дека „повеќе нема никаква опасност за вработените во фабриката“.
Првите повици во полиција пристигнале нешто пред осум часот наутро, а полициската акција се уште трае.
– Едно лице загина, а едно е тешко повредено. Напаѓачот е уапсен, а мотивот за пукањето се уште не е познат – изјави портпаролот и додаде дека се работи за 53-годишен маж. Тоа се случи во фабриката 56, каде што се произведува S-Class.
Полицијата го опколила местото на настанот, а на терен се и службите за итна помош – меѓу кои два хеликоптери и неколку лекари.