Денес хероите често ги претвораме во лекции, наместо во примери. Како професор, се прашувам што навистина им оставаме на младите. Колумна за одговорноста, историјата и тишината во училницата.
Речиси една деценија по отворањето на пандорината кутија, историјата, наместо да обединува преку знаење, се преобликува под товарот на политички очекувања. Под притисоци од соседството се разви процес во кој за минатото сè почесто не зборуваат историчарите, туку преговарачите, а идентитетот се третира како прашање што може да се коригира со потпис.
И така, повторно стоиме пред едно суштинско прашање: што им останува на младите кога темелите им се претставуваат како променливи, условни и зависни од дневната политика?
Одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев за мене не беше само свечен чин. Тоа беше момент на длабоко професорско преиспитување.
Како човек што секојдневно стои пред ученици, си го поставувам прашањето што не ми дава мир: дали историјата што ја предаваме создава вредности – или само подготвува за тест? Во нивните очи гледам љубопитност, но и претпазливост.
Гледам генерација што расте во време кога авторитетите се релативизирани, кога титулите не секогаш значат кредибилитет, кога зборот ја губи својата тежина, кога правдата не се доживува како еднаква за сите, а сигурноста се заменува со условеност.
Имаме факти. Имаме лекции.
Но немаме секогаш увереност.
И кога вистината се изговара со резерва, младите – тивко и внимателно – учат да слушаат со уште поголема резерва.
Кога херојот станува материјал
Во училницата, младите бараат јасност. Кои биле луѓето што ги нарекуваме херои? За што стоеле? Какви вредности бранеле? Каква иднина замислувале?
Но кога општеството испраќа двосмислени пораки, кога зборовите се мерат повеќе според политичката потреба отколку според историската вистина, тогаш и нивната врска со тие личности почнува да слабее.
Така и ликот на Гоце Делчев, кој треба да биде светилник на идеја, жртва и визија, лесно се сведува на содржина што треба да се запамети.
Учениците го учат датумот.
Ја повторуваат лекцијата.
Ја добиваат оценката.
Но сè поретко го препознаваат како пример за сопствениот живот.
И токму тука се случува најтивката, но најдлабока промена:
патоводната ѕвезда станува наставна единица.
Какви пораки добиваат младите
Додека во училницата зборуваме за пожртвуваност, чесност и одговорност, надвор од неа младите гледаат друга реалност.
Гледаат приказни за брзо богатење.
Гледаат напредување без знаење.
Гледаат позиции што не се освојуваат со труд, туку со блискост до моќта.
Слушаат сомнежи за корупција, купени дипломи и функции што не произлегуваат од заслуга.
И во таа средина нивното прашање е природно:
дали вредностите за кои учиме навистина важат?
Тука започнува најтешкиот судир.
Затоа што идеалот што го носи Делчев не нуди краток пат.
Тој бара карактер.
Бара работа.
Бара лична одговорност.
Мерка што обврзува
Кога Делчев вели дека „го разбира светот како културно поле на натпревар меѓу народите“, тој зборува за натпревар во знаење, во морал, во создавање подобро општество.
Тоа е повик кон вредност, а не кон привилегија.
И кога младите ќе ја споредат таа мисла со сликата што ја гледаат околу себе, се раѓа дистанцата. Не затоа што не го почитуваат херојот – туку затоа што не се сигурни дека општеството ја почитува неговата мерка.
Одговорноста
Лесно е да кажеме дека младите се незаинтересирани. Но тие се огледало на времето што им го нудиме.
Прашањето не е што мислат за Делчев.
Прашањето е – каков пример им даваме ние.
Прашањето што боли
Каде е Делчев денес? Не само во протоколите. Не само во учебниците.
Туку во тоа дали младиот човек чувствува дека припадноста има тежина, дека историјата носи одговорност.
Ако тоа чувство слабее, тогаш губиме повеќе од интерес – губиме врска со самите себе.
Политиката може да ги обликува речениците на денот. Но времето е тоа што ја проверува вистината. Кога ќе помине доволна дистанца, судот повторно го даваат историчарите.
Историјата ќе памети кој ја чувал, а кој тргувал со неа?
И како професор, од оваа мисла не можам да побегнам:
Не е прашање дали младите ќе го запаметат Делчев.
Прашање е – зошто сè потешко го препознаваат како свој пример.
Професор по историја
Ирена Трајковска Стерјовска
СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“-Скопје

