На првата владина седница која се одржа денеска, меѓудругото, одлучено е детските градинки да почнат со работа од 9 септември, а дотогаш градинките се должни да се подготват за работа, информираат од Владата.
Од Владата им препорачуваат на локалните самоуправи кои се основачи на јавните установи за згрижување и воспитание на деца да обезбедат дополнителен простор или да адаптираат соодветен простор за потребите на градинките, доколку градинката има потреба за згрижување на деца согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитување на деца, соопштуваат од Владата.
Исто така, од Владата препорачуваат градинките да обезбедат соодветен кадар за временски период до траењето на епидемијата со Ковид-19 доколку некоја од градинките има потреба од итни и неодложни работи со цел непречено функционирање.
Според протоколот кој го објави Владата на 29 мај, меѓудругото, се посочува дека во градинките треба да се обезбеди растојание од 1.5 до 2 метри меѓу масите за седење на децата. Исто така, треба да се обезбеди креветче и по две постелнини за секое дете.
Воспитните групи за деца до 2 годишна возраст можат да бидат составени од максимум 6 деца и двајца вработени во смена, додека воспитните групи за деца од 3 до 10 годишна возраст можат да имаат максимум по 15 деца и двајца вработени во смена.
Градинките заедно со училиштата и факултетите беа затворени на 13 март, поради ширењето на коронавирусот.