ПочетнаВестиСветЕПП останува водечка партија во ЕУ пред СД, либералите паѓаат на петтата...

ЕПП останува водечка партија во ЕУ пред СД, либералите паѓаат на петтата позиција

Десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП) на изборите за членови во Европскиот парламент закажани во јуни се очекува да постигне сличен резултат како и на евроизборите во 2019 година и да освои 181 мандат, додека левоцентристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) би загубила 14 места и би се свела на 140 европратеници, покажуваат резултатите од најновата анкета на јавното мислење во ЕУ спроведена од Јуроп Елект на крајот на февруари.

Според оваа анкета, многу е можно ЕПП да оствари подобри изборни резултати од СД во Романија и Португалија, кои досега важеа за упоришта на социјалдемократите, а либералната група „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) би паднала на петтото место според бројот на освоени мандати, потисната од десничарската алијанса Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР).

Во Романија, владејачката Социјалдемократска партија (ПСД) би загубила две места, кои би преминале на контото на членката на ЕПП, Националната либерална партија (ПНЛ), со што двете партии би освоиле по 10 европратеници. Веднаш зад нив со осум мандати е членката на ЕЦР, националистичката и деснопопулистичка Алијанса за сојуз на Романците (АУР).

Слична е состојбата и во Португалија, каде владејачката Социјалистичка партија (ПС) од редовите на СД и членката на ЕПП, Социјалдемократската партија (ПСД) би освоиле по седум места. На изборите во 2019, ПС освои девет европратеници, а ПСД седум.

Но, пред евроизборите на Португалија в недела и претстојат предвремени национални парламентарни избори на кои се очекува победа на опозицискиот блок Демократска алијанса, предводен од ПСД. Лидерот на ПС, Педро Нуњес Сантош најави дека доколку неговата партија не победи на изборите, подготвена е да поддржи формирање малцинска влада предводена од ПСД со цел да се избегне евентуално здружување на сојузот на партиите од десниот центар со екстремно десничарската партија Доста е! (Чега). Според анкетата на Јуроп Елект, Чега би освоила пет европратеници, но развојот на настаните по парламентарните избори би можел да доведе до промена на расположението на гласачите до јуни.

Предвремените избори во Португалија, организирани нешто повеќе од две години по претходните, следуваат по корупцискиот скандал што доведе до пад на социјалистичката Влада на Антонио Коста, кој дотогаш важеше за фаворит на европските социјалдемократи за една од водечките функции во ЕУ, при што првенствено се споменуваше местото претседател на Европскиот совет.

Други позначајни измени на кои укажува анкетата на Јуроп Елект, е предвиденото губење на три места од страна на водечката партија во ЕПП, германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), а добивање на два мандати за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), со што двете партии би освоиле по 20 места во Европарламентот. Две места би загубиле и германските Зелени сведувајќи се на 11 мандати, како и новата левичарска Партија на Сара Вагенкнехт, која би освоила пет европратеници. Од друга страна два мандати плус би добила Партијата за заштита на животните, со што би имала тројца европратеници.

Христијанско – демократската унија (ЦДУ) на германската канцеларка Ангела Меркел денеска одлучи дека кон крајот на април или почетокот на мај ќе го избира својот нов претседател.

Во Холандија, екстремно десничарската Партија на слободата (ПВВ) би загубила три мандата и би паднала на девет пратеници, а од друга страна раст на популарноста бележи членката на ЕПП, Христијанскиот демократски повик (ЦДА), која од еден европратеник на претходното истражување, сега би освоила тројца.

Анкетата укажува и на продолжување на падот на популарноста на партиите членки на РЕ, првенствено на италијанската Акција, која би паднала под изборниот праг, со што либералната група, според ова истражување, би освоила 81 европратеник или два помалку од ЕЦР, која со 83 мандати би станала четврта политичка сила во Европарламентот, зад ЕПП, СД и екстремно десничарската групација Идентитет и демократија (ИД), која би имала 92 места.

Натаму следат, групата на Зелените со 49 мандати, пред партијата Левица со 45, додека останатите 44 места би им припаднале на партии кои сега не се членки на ниту една од постојните групации, меѓу кои и се и италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), поранешната членка на ЕПП, Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан и двете словачки партии исклучени од СД, Насока – социјална демократија (Смер-СД) на премиерот Роберт Фицо и Глас – социјална демократија (Хлас) на претседателот на Парламентот, Петер Пелегрини.

Остави Коментар

Внеси го твојот коментар
Внеси го твоето име:

- Advertisment -spot_img

НАЈПОПУЛАРНИ